Во тек е реализација на повеќе проекти PDF Print
There are no translations available.

   Она што им го ветивме на жителите на Пепелиште, го исполнивме. Новоизградениот резервор за вода со зафатнина од 250 метри кубни и потисниот цевковод во должина од 1.260 метри се веќе ставени во функција и водата од резервоарот пристигнува до домовите на месното население како во ниската, така и во високата зона. На овој начин успеавме да решиме еден децениски проблем на жителите на Пепелиште кој се однесуваше на недостигот од вода за пиење, а водата од новиот резервоар е достапна и до стопанските капацитети кои функционираат на ова подрачје.

Во текот на денот решивме уште еден горлив проблем за граѓани на Неготино кои живеат на улица која се спојува со улицата „Фемо Кулаков“. Имено, во текот на денот на задоволство на жителите кои повеќе од 30 години се соочуваа со проблеми при движењето, ја бетониравме улицата во должина од 110 метри на површина од 500 м2 и со поставување на 60 до 70 тони бетон. Станува збор за една од ретките неасфалтирани улици во градот, па сега газењето кал е минато за населението и тие пеш и со возила ќе можат да се движат по уредена и бетонирана улица.

Следејќи ја динамиката на изведување на работите, до крајот на овој месец очекуваме да заврши изградбата на двојниот тениски терен со тврда подлога кој се гради во населбата Саат-кула и со чија изградба ќе дојде до заокружување на проектот Неготино и неговите граѓани да добијат уште еден спортско-рекреативен центар. По извршеното  бетонирање на терените, поставена е ограда и столбови за осветлување за да можат терените да се користат и во ноќните часови, а во периодот пред нас се очекува финализирање на работите со поставување акрилна подлога и неопходните елементи за еден двоен тениски терен.