АКТИВНОСТИ ПО ПОВОД 8-МИ НОЕМВРИ Печати
Ниво на корисникот: / 0
НајлошоНајдобро 
       Во чест на одбележувањето на празникот на општина Неготино – 8-ми Ноември, во организација на локалната самоуправа, а во соработка со институции и поединци, беа реализирани повеќе пригодни активности. Меѓу другото, на иницијатива на неуморниот ентузијаст – професорот Дионис Пашлаков со асистенција на претставници на Авто – мото сојузот на Македонија во нашиот град се одржа  најмасовната ревијална изложба на олд – тајмери досега организирана во Македонија. На изложбата со сопствени стари возила учество зедоа љубители на стари автомобили од повеќе градови од земјава, а граѓаните од општината во голем број излегоа на градскиот плоштад каде што беа лоцирани олд – тајмерите и со нескриена доза на љубопитност ги разгледуваа возилата кои се произведени и по патиштата се движеле  пред повеќе од половина век. Самата изложба имаше и натпреварувачки карактер, а на сопствениците на најатрактивните олд – тајмери им беа врачени пригодни награди.

      Инаку, и годинава не изостана одржувањето на традиционалните трки низ улиците на градот. Масовно учество зедоа учениците од петто до осмо одделение од двете основни општински училишта, како и натпреварувачи од средното општинско училиште. Организаторот обезбеди, а градоначалникот Трајков на најбрзите учесници им додели признанија и спортска опрема.
      За прв пат оваа година во просториите на Туристичкиот инфо – центар беше организиран турнир во табла на кој учество зедоа голем број натпреварувачи од цела општина. Со оглед на огромниот интерес, се планира турнирот во табла да прерасне во традиционален. За најуспешните таблаџии беа обезбедени и им беа врачени пригодни награди.
      Во рамките на одбележувањето на општинскиот празник во кино-салата на Центарот за култура во Неготино беше организиран хуманитарен концерт, а собраните средства се наменети за лекување на нашиот сограѓанин. Концертот беше масовно посетен, а на истиот настапија познатите имиња од македонската естрада Јован Јованов, Александра Пилева и Александар Белов.