КОНФЕРЕНЦИЈА ЗА МЕДИУМИ - ПАНЕ ТРАЈКОВ, ГРАДОНАЧАЛНИК НА ОПШТИНА НЕГОТИНО 19.02.2010 PDF Печати

                                                            

Почитувани,
Оваа прес конференција ќе биде поделена на три дела, при што најпрво ќе се осврнам на реализираните проекти во периодот зад нас, ќе информирам за активностите кои се во тек, како и за предвидените проекти за спроведувањево текот на оваа година.
Во изминатиот период од стапувањето на функцијата до денес јас како градоначалник и локалната самоуправа реализиравме повеќе проекти кои несомнено придонесуваат за подобрување на севкупните услови за живеење на граѓаните на општина Неготино.

 

 Меѓу другото, за потребите на населението и овозможување на побрзи и поефикасни услуги, во употреба го предадовме новиот граѓански- услужен центар, за промоција на туристичките потенцијали на општината во функција го ставивме туристичкиот инфо центар, во селото Црвени Брегови се изгради и веќе е предадена во употреба нова и современа училишна зграда. Во склоп на дневниот центар “Порака“ е изградено и веќе е во функција новото игралиште за хендикепирани.
Во склоп на спортско-рекреативниот центар “Младост“ е изградено ново фудбалско игралиште кое мошне скоро ќе биде ставено во функција. Исто така комплетно е уредена и асфалтирана обиколницата околу Неготино, санирани се и асфалтирани делови од патниот правец Неготино- Кавадарци.
Паралелно , во континуитет се врши одржување на уличното осветлување и урбаната опрема , се поставува и обновува уличната сигнализација.Во соработка со ветеринарната станица спроведовме и во тек е акција за третирање на бездомните кучиња во градот.
Што се однесува до активностите во населените места во Општината, покрај изграденото училиште во Црвени Брегови, во селото Војшанци е поставена фекална канализација, саниран е еден од најоштетените патни правци од Горни Дисан до Вејше, во Тремник го надминавме проблемот со водоснабдувањето, додека и во останатите населени места се предвидени повеќе зафати.
Што се однесува до одвивањето на тековните активности, би потенцирал дека е започната и се гради нова и современа фискултурна сала во склоп на средното општинско училиште „ Св „Кирил и Методиј “ започната е постапката за изградба на градската капела, интензивно се одвива и изградбата и реконструкцијата на патната мрежа во градот, течат активностите за отворање на деловно-информативен центар за решавање на проблемот со водоснабдувањето на жителите од селото Долно Дисан, а паралелно сме ангажирани и околу реализацијата на донесените програми за работа на Општина Неготино.
Во периодот пред нас, приоритет во Неготино ќе дадеме на изградба на градската капела за која се обезбедени потребните 10 милиони денари, завршени се административните процедури и наскоро ќе стартуваат и градежните работи.
Наш приоритет е и решавањето на долгогодишниот проблем со водоснабдувањето со кредитни средства од Германската Банка за обнова и развој чиј гарант е Владата на Република Македонија. Станува збор за средства во висина од 3 милиони евра, со кои во првата фаза ќе се изврши замена на постоечките водомери, а во втората ќе се изврши комплетна замена на водоводниот систем и на старите азбести цевки со нови, што веруваме дека ќе придонесе за драстично подобрување на водоснабдувањето и долгорочно надминување на овој проблем.

Изготвена е потребната техничка документација за изградба на комплетно нов деловен центар во Неготино на местото на руинираната сала на друштвото за телесно воспитување Партизан.
Во соработка со надлежните државни органи, правиме напори за создавање услови за отворање на дисперзиран факултет за лозарство во Неготино, а за таа цел се планира ревитализација на зградата на поранешното средношколско училиште.
Продолжуваме со асфалтирањето на улиците во градот, а во населените места планираме реконструкција на три патни правци и тоа: Неготино-Курија во должина од 3,5 км, Неготино-Тимјаник 1 км и 4 километри од патот од Неготино до селото криволак.
Заедно со Агенцијата за млади и спорт во употреба ќе го предадеме новото фудбалско игралиште, а наскоро очекуваме да стартуваат работите околу изградбата на тениските терени во населбата Саат-Кула.
На крај би сакал да додадам дека иако не се потенцирани, во локалната самоуправа се одвиваат и други активности согласно програмите за работа донесени од советот на општината.

Ви благодарам на вниманието

Видео од пресот: http://www.youtube.com/watch?v=HlhNvlOD50c